Новинарските извештаи за боксерките Имане Калиф и Лин Ју-Тин за време на Летните олимписки игри во Париз во голема мера оставија простор за конзервативни и трансфобични ставови, што придонесува за одржување на родовите стереотипи, објективизација и дискриминација на спортистките и жените во општеството. Без да бидат опфатени стручни мислења во известувањето за двете боксерки, медиумите помогнаа за ширење на родови дезинформации и говор на омраза. Женското тело во спортот сѐ уште е подложно на општествен притисок за тоа како треба да изгледа и да се однесува, што влијае на комфорот, самодовербата и успешноста на перформансот на спортистките.
Ова го покажува анализата на родово базирани медиумски содржини „Родовите дезинформации препрека за жените во спортот“, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) ја изработи за периодот од 26 јули до 27 август 2024, односно за време на Летните олимписки игри во Париз, Франција. Беа анализирани 400 новинарски извештаи поврзани со боксерките Имане Калиф и Лин Ју-Тин објавени на онлајн медиумите, како и 170 коментари на овие новинарски извештаи на социјалните платформи Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб.
Медиумите користеа родово стереотипизирање и прикажување на жените исклучиво преку нивниот надворешен изглед. Во извештаите се потврдуваат стереотипите за тоа што значи „жена“ и „женственост“, односно дека со соодветна шминка и облека се „станува“ и се докажува дека некоја личност е жена. На овој начин медиумите прават објективизација на жените, давајќи им „дозвола“ да бидат жени единствено доколку ги исполнуваат патријархалните општествени очекувања за нивниот изглед.
Во известувањето е забележително високо ниво на сензационализам, особено во насловите кои не соодветствуваат со суштината на новинарскиот извештај, што води до површни заклучоци од публиката и ширење на родови дезинформации и говор на омраза. Преку насловите и извештаите често се пренесуваат паушални информации и негативни коментари од јавни личности што се познати по нивните трансфобични ставови, а чии тврдења не се проверуваат ниту се дава критички осврт на нивните изјави. Само мал број медиуми објавуваат подетални анализи на проблематиката. Исто така, се користи несоодветна терминологија, па често се употребуваат именки и заменки во машки род за двете боксерки или се мешаат родовите во еден ист текст.
Ова укажува дека голем дел од новинар(к)ите воопшто не ја истражуваат проблематиката за која пишуваат и пренесуваат несоодветен превод на извештаите од странски медиуми. Освен тоа, се забележува дека главните дезинформации доаѓаат токму од медиумите и авторите, додека на социјалните платформи само се пресликуваат истите наративи веќе покренати од медиумите.
Оттука, потребно е подигнување на ниското ниво на свест за принципите на различност и недискриминација во новинарските извештаи, како и за можните негативни последици од начинот на известување за сензитивни теми. Новинар(к)ите треба подобро да ја истражат проблематиката за која пишуваат и терминологијата што ја користат, како и постојано да употребуваат феминативи. Тие треба да известуваат на начин што не ги легитимизира дискриминаторските ставови и да создаваат содржини што ќе ја промовираат родовата еднаквост. Секако, потребно е медиумите да се придржуваат до насоките за етичко известување, преку проверка на информациите и назначување на авторството и/или изворот, за да може да ги провери и публиката. Исто така, со модерирање на дискусиите под објавените новинарски извештаи, медиумите треба да го намалат говорот на омраза и сексистичките коментари на нивните социјални платформи.
Анализата може да се преземе на линковите: