Вчера во Скопје беше промовиран вториот по ред национален Индекс на родова еднаквост во Северна Македонија кој е развиен од страна на Министерството за труд и социјална политика и Државниот завод за статистика во соработка со Европскиот институт за родова еднаквост (EIGE).
Во присуство на голем број гости, пред присутните се обратија министерката за труд и социјална политика, г-ѓа Јованка Тренчевска, директорот на Државниот завод за статистика, г. Апостол Симовски, амбасадорката на Кралството Шведска во Северна Македонија, Н.Е. г-ѓа Ларсон Јаин, како и претставници на Европскиот институт за родова еднаквост и на Канцеларијата на UN Women во Скопје.
Индексот на родова еднаквост е алатка за мерење на напредокот на родовата еднаквост во земјите на ЕУ и земјите кандидати за членство во ЕУ и овозможува одредување на областите каде што е неопходно подобрување со цел креирање подобри и поефикасни мерки за унапредување родовата еднаквост.
Индексот на родова еднаквост во Северна Македонија во 2022 година изнесува 64.5 од максимални 100 и забележа напредок од 2.5 поени споредено со последното мерење во 2019 година.