Скопје, 17 мај 2025 – Во дигиталната ера, каде што брзината на информациите претставува и предност и предизвик, сè почестата појава на дезинформации и манипулативни наративи остава длабоки последици врз општеството, особено во контекст на темите опфатени со овој зборник. Согласноста, телесната автономија, родовите наративи, образованието и институционалната поддршка се меѓу клучните прашања кои денес го обликуваат нашиот социјален и културен пејзаж, и на кои оваа публикација посветува особено внимание.
Антологијата претставува значаен придонес во напорите за справување со овие предизвици, обезбедувајќи проверени информации, длабински анализи и автентични сведоштва кои ја афирмираат вистината и го поттикнуваат критичкото размислување.
Основната цел на оваа публикација е да ги разобличи и спречи лажните информации што се шират преку медиумите и социјалните мрежи, давајќи простор и видливост на маргинализираните заедници и активно спротивставувајќи се на дезинформациите што го кочат напредокот кон родова еднаквост. Преку аналитички осврти и истражувачки текстови, Зборникот ја нагласува потребата од сеопфатно сексуално образование, почитување на етичките стандарди во медиумското известување и воспоставување родово сензитивни институционални политики.
Со ова издание ја реафирмираме нашата посветеност кон образованието и информирањето како клучни алатки за надминување на предрасудите и градење поправедно и поинклузивно општество.